Кои информации финансиските институции, се обврзани да ти ги пренесат пред да склучиш договор за кредит?

Согласно Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, финансиските институции пред да го склучиш договорот за потрошувачки кредит, се должни во писмена форма или преку друг траен медиум, да ти ги дадат сите информации за кредитот на посебен формулар, преку кој ќе можеш да направиш споредба на различни понуди, со цел да донесеш одлука за склучување на договорот за кредит.

 

Информациите треба да се однесуваат на: видот на кредитот; вкупниот износ на кредитот и условите за негово искористување; траење на договорот за кредит; каматната стапка, условите со кои е уредена примената на каматната стапка, и доколку е применливо секој индекс или референтна стапка на почетната каматна стапка, како и периодите, условите и процедурите за промена на каматната стапка. Доколку во различни периоди се применуваат различни каматни стапки, сите претходно наведени информации треба да се наведат за секоја камата; годишната стапка на вкупни трошоци и вкупниот износ што би требало да го платиш, претставени преку репрезентативен примерок во кој се наведени сите претпоставки за пресметка на годишната стапка на вкупни трошоци; износот на поединечната рата, бројот на ратите и доколку е применливо редоследот на пристигнување на ратите кои потрошувачот треба да ги плати; доколку е применливо, трошоците за водење на една или повеќе сметки на кои се евидентираат уплатите и исплатите на искористениот дел од кредитот, освен доколку отворањето на сметката е опционо, како и трошоците за употреба на одредено средство за плаќање за уплатите и исплатите на искористениот дел од кредитот, други трошоци што произлегуваат од договорот за кредит и условите под кои тие трошоци можат да се променат;  постоењето на нотарски трошоци доколку треба потрошувачот да ги подмири при склучување на договорот; обврската, доколку постои за склучување на договор за дополнителни услуги поврзани со договорот за потрошувачки кредит, како договор за осигурување, доколку склучувањето на таквиот договор е задолжително за добивање на кредитот или за добивање на кредитот согласно со условите од рекламирањето; каматната стапка применлива во случај на задоцнети плаќања, услови за нејзина промена (прилагодување) и трошоците за неисполнување на обврската; предупредување за последиците од неплаќање на ратите;  гаранции за кредитот, доколку е применливо;  постоењето или отсуството на правото на откажување од договорот; правото на предвремено плаќање на кредитот и правото на кредиторот за надоместок и начинот на пресметување на надоместокот; твоето право веднаш и бесплатно да бидеш информиран за резултатот од анализата на твојата кредитоспособност добиен врз основа на податоците од базата на податоци; твоето право да добиеш на барање и бесплатно, копија од нацрт -договорот за потрошувачки кредит; и рокот во кој кредиторот е обврзан со пред договорните информации, доколку е применливо.

 

Финансиските институции се должни да ти дадат соодветни објаснувања кои ќе ти овозможат да процениш дали предложениот договор за потрошувачки кредит е прилагоден на твоите потреби и твојата финансиска состојба, со објаснување за погоренаведените информации, битните карактеристики на предложениот производ и нивното влијание врз тебе како корисник на кредитот, вклучувајќи ги последиците од неплаќање на кредитот.

 

Имајќи ги во предвид Законските обврски на финансиските институции, ти имаш целосно право пред да го склучиш договорот да добиеш формулар за преддоговорни информации, да те запознаат со сите услови поврзани со кредитот кои се однесуваат на исплатата, редовната отплата но и во случај на неплаќање на долгот, да побараш да го прочиташ нацрт-договорот, но и да побараш појаснување на секоја информација која ќе ја добиеш доколку нешто не ти е јасно. Изговорите на финансиските институции дека неможат да ти го дадат договорот да го видиш пред да го потпишеш или дека неможат да ти дадат некоја информација или дека немаат можност да ти објаснат, се спротивни на законот и доколку се случи такво нешто потребно е истото да го пријавиш до соодветниот надзорен орган (за Банките и Штедилниците НБРСМ или за Финансиските друштва Министерство за финансии) или обрати се до нас и ние ќе ти помогнеме да ја споделиш информацијата со надлежниот орган.

 

                Имаш право целосно да бидеш информиран за сите услови и трошоци поврзани со кредитот, затоа искористи го тоа право и не потпишувај пред да бидеш целосно информиран. Дополнително, доколку ти е потребно, нашето здружение Кредит Протект може да ти понуди бесплатен совет и бесплатна правна поддршка со цел да ти помогнеме подобро да ги разбереш одредбите во договорите за кредит и сите трошоци со кои ќе се соочиш користејќи го тој кредит.

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè