Неодговорно кредитирање

По медиумите често слушаме објави дека Македонците живеат од потрошувачки кредити. Согласно статистики во 2021 година, од кредитите исплатени на физички лица во кои спаѓаат станбените кредити, кредитите за набавка на возила, картичките и потрошувачките ненаменски кредити, повеќе од 53% се ненаменски потрошувачки кредити.

Но зошто Банките и финансиските друштва се ориентираат токму кон потрошувачките кредити кои се многу помали по износ и бараат многу поголем ангажман од страна на финансиската иснтитуција? Секако причината не е во желбата да му помогнат на населението за нивните потрошувачки потреби туку желбата за профит. Иако, многумина не би се согласиле со оваа констатација, статистиките го покажуваат токму спротивното. Повеќе од 50% од приходите на Банките и финансиските друштва доаѓаат токму од приходите од камати, провизии и надоместоци од кредитите исплатени на физички лица. Бидејќи токму овие кредити имаат највисоки каматни стапки и дополнителни разни трошоци или провизии, со тоа создаваат најголем профит за институциите што исплаќаат вакви кредитни производи, и од тука произлегува и нивната заинтересираност да исплаќаат токму вакви кредити.

 

Но секако со право би прашале зошто да не биде така штом има побарувачка од населението за вакви кредитни производи кои се користат за чиста потрошувачка потреба, без разлика на висината на каматите и провизиите.

 Причината е во фактот што порастот на економијата во една држава го прави растот на претпријатијата кои создаваат производи за поширока потрошувачка и креираат нови работни места. Претпријатијата за да ги зголемуваат своите капацитети да прават поголеми инвестиции а со тоа и повеќе работни места, имаат потреба од средства. Банките и финансиските друштва водејќи се од желбата за поголем профит повеќе се ориентираат кон кредитирање на населението за потрошувачка намена а не кон правните лица кои согласно состојбата на пазарот користат кредитни производи по многу помали каматни стапки од потрошувачките, и за сметка на порастот на кредитите исплатени на физички лица, се намалува процентот на учеството на кредитите кон правните лица во севкупното кредитно портфолио со што се намалува можноста за економски пораст на нашата држава. Оваа констатација е потврдена од статистиките кои покажуваат постојан тренд на пад на учеството на кредитите на правните лица во севкупното портфолио во Банкарскиот систем која во 2020 година беше само 46%.

 

Имајќи го во предвид порастот на кредитирањето кон физички лица, особено потрошувачките ненаменски кредити, се јавува прашањето дали потрошувачкото кредитирање е одговорно кредитирање, односно дали може да се смета дека финансиските институции кредитираат одговорно со тоа што се повеќе се ориентираат кон исплати на потрошувачки ненаменски кредити, кои немаат никаква друга цел освен потрошувачката и придонесуваат за се поголемо задолжување на населението? Секако дека не.

 

Се поголемите пласмани на потрошувачки ненаменски кредити, само создаваат поголем долг кај населението, а за сметка на нивниот долг финансиските институции се збогатуваат со дебели профити. Поради пониските каматни стапки за кредитите кон правните лица кои делумно се намалени и поради пласманот на дел од профитите на финансиските институции кај оваа категорија на кредити, кои намерно со цел да придобијат клиенти ја рушат и така ниската каматна стапка за правните лица, што за останатите финансиски институции ја намалува заинтересираноста за пласман на своите средства кај правните лица, во крајна линија уште повеќе ја ослабува и онака слабата економија во нашата држава.

 

Дополнително многу е важно кредитите кои се исплаќаат на населението да имаат одредена намена, да не бидат само за чиста потрошувачка потреба, односно истите да претставуваат инвестиција за корисникот од која ќе има долготраен бенефит.

 

Имајќи го во предвид претходно наведеното, можеме да констатираме дека најголем дел од финансиските институции во нашата држава, со одредени исклучоци, не кредитираат одговорно, бидејќи во преден план им е профитот а не придонесот кон одржлив економски развој со долгорочни изгледи, со селективно и одговорно кредитирање и големо внимание кон инвестиции кои имаат позитивен импакт врз економијата, животната и социјалната средина во која живееме.

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè