Предлог измени на Законот за финансиските друштва

Основањето, работењето и надзорот над финансиските друштва во РСМ е под надлежност на Министерството за финансии и се регулира со Законот за финансиските друштва. Бројот на финансиските друштва кои одобруваат потрошувачки кредити во изминатиот период значајно се зголеми. Со зголемувањето на бројот на финансиските друштва значително се зголеми и бројот на корисници на потрошувачки кредити. Постоечкиот закон има голем број на недостатоци и остава широк простор за злоупотреба од страна на финансиските друштва и предвидува многу слаба контрола врз друштвата. Овие недостатоци на Законот се злоупотребуваат од страна на финансиските друштва, преку кои на корисниците им наметнуваат огромни провизии и трошоци за кредитите без воопшто бидат известени за нивниот износ. Дополнително може да се каже дека речиси нема подзаконска регулатива која би требало да регулира голем дел од постапките поврзани со законот. Таа што постои воопшто не се однесува на битните елементи на законот.


Овој пристап од страна на финансиските друштва во изминатиот период ја наметна потребата од зајакнување на регулаторните барања и стандарди кои треба да ги исполнуваат финансиките друштва со цел заштита на корисниците на кредити од овие друштва.

Измените на законот се неопходни, пред се за да се потенцира сериозноста на лошиот пристап конработата на финансиските друштва, како и да се зајакне регулаторната рамка за работење на финансиските друштва со цел заштита на корисниците на кредити.


На 04.11.2021 година беше објавен Нацрт-закон Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот на финансиските друштва.


Од предложените измени, како посуштински одредби ги издвојуваме следните:

  • Предвидено е зголемување на износот на основачкиот капитал и предвидена е одредба дека основачкиот капитал на финансиските друштва не смее да потекнува од заеми и кредити,
  • Како позначајна измена е додавањето на член 19а. Со овој член се предвидува ограничување дека со договорот за кредит или поврзани договори со кредитот не смее да се предвиди/ат надоместоци кои надминуваат или можат да го надминат износот на кредитот, што би можело да се толкува дека вкупните трошоци по основ на провизии не смее да го надмине износот на кредитот. Но сепак во законот не е дадена дефиниција што се подразбира под ,,надоместоци’’ и истото би можело да се злоупотребни бидејќи под надоместок може да се толкуваат разни трошоци. Дополнително не е јасно дали поврзаниот договор се однесува на тарифници или слично и не прецизира дали се однесува на надоместоци/трошоци кои би ги плаќал клиентот само ако редовно го сервисира долгот или ако е во доцнење.
  • Во овој член предвидена е и одредба дека финансиското друштво не смее да одобри потрошувачки кредит со кој целосно или делумно ќе ја затвори постоечката кредитна изложеност ако новосклучениот договор предвидува плаќања на надоместоци кои заедно со надоместоците утврдени во претходно склучениот договор или поврзан договор со него, надминува или може да го надмине износот на кредитот утврден во претходно склучениот договор. Оваа одредба навистина го ограничува износот на надоместоците, но ваквата формулација на овој став остава простор за постојано препакување на кредитот кое може да оди до недоглед, што ја прикрива реалната состојба дека клиентот не е во можност да го отплати кредитот и потребно е барем да се ограничи бројот колку пати едно исто побарување може да се затвори со ново. Бидејќи измената во членот се повикува само на претходно склучениот договор а не на сите претходно склучени договори, овој член потребно е да се преформулира и да се однесува на сите претходно склучени договори кои се однесуваат на исто побарување.
  • Дополнително предвидена е одредба дека не смее со договорот да се предвидат надоместоци поврзани со неисполнување на договорот кои можат да надминат 10 % од износот на кредитот. И тука не е јасно што се подразбира под надоместоци и што ако не е предвидено во договорот туку со друг пропис/процедура на Финансиското друштво и со одредбата не се опфатени поврзаните договори.
  • битна измена е додавање на член 20а, според која Финансиското друштво задолжително треба да формира кредитен одбор и одбор за ризици. Сепак покрај обврската за формирање кредитен одбор и одбор за ризици, потребно е да се предвидат минимум критериуми кои треба да бидат исполнети при носење на одлуките на кредитниот одбор или при оцена на ризичноста од страна на одборот за ризици. Тоа што се остава на слободна волја на Финансиското друштво, со интерни процедури да го регулира начинот на постапување на овие одбори, остава простор за манипулација и носење на одлуки без било какви критериуми доколку истото го дозволуваат интерните процедури.

Покрај предложените измени, битно да се предвиди член кој ќе предвиди дека финансиските друштва се обврзани да се водат согласно начело на транспарентност. Нагласувањето на транспарентноста е битна со цел корисниците на кредитните производи да бидат заштитени од презадолжување и измама од страна на финансиските друштва преку вметнување на скриени трошоци за кои воопшто немаат знаење дека ќе бидат дел од кредитот а кои Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити јасно не специфицира дека спаѓаат во ,,Вкупни трошоци за кредитот’’. Ова би можело да се постигне со предвидување обврска во законот во секој договор за кредит да бидат вклучени сите трошоци/надоместоци кои би ги наплатило финансиското друштво во сите фази на исплата на кредитот (пред исплата, во текот на отплата, во случај на неможност за отплата/препакување и сл.). Исто така би можело да се предвиди обврска тарифниците/ценовниците да бидат составен дел на договорот за кредит да му се предочи на клиентот кои трошоци од наведените во тарифникот/ценовникот се однесуваат на кредитниот производ кој го користи. Дополнително во насока на транспарентноста да се предвиди обврска за финансиските друштва во рекламните понуди покрај каматната стапка да ги наведуваат сите можни надоместоци поврзани со кредитниот производ.


Иако ова е само предлог за измена на законот и истиот уште не усвоен, ние правиме напори  Министерството за Финансии да ги прифати и нашите дополнителни предлози за измена на законот со цел истите да бидат усвоени заедно со веќе предложените, се со цел измената на законот да има практична примена во корист на секој корисник на кредитен производ од финансиско друштво.


Доколку имате предлог и за дополнителни измени на законот, Ве повикуваме да не контактирате.

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè