Скриени трошоци

Доколку си го читал Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, или доколку си прочитал барем дел од правните совети објавени од нашето здружение Кредит Протект, ќе речеш како може трошоците да бидат скриени кога финансиските институции законски се обврзани да бидат транспарентни и да ми ги соопштат сите трошоци поврзани со кредитот. Дополнително сигурно си налетал барем на неколку реклами на кои е наведено кредит без скриени трошоци, но сепак си слушнал или од сопствено искуство си дознал дека за потрошувачкиот кредит се сметаат и наплаќаат голем дел на трошоци за кои не си ни знаел дека постојат.

 

За жал, финансиските институции користат многу иновативни начини за да ти наметнат и други дополнителни трошоци кои најчесто не ги соопштуваат, а ги наплаќаат. Практикуваат во договорите за кредит да не ги наведуваат сите трошоци и за истите се повикуваат во нивните тарифници, ценовници или општи услови а тебе ќе ти го соопштат само тоа што е наведено во договорот или нема да ти го соопштат ни тоа и само ќе ти посочат каде да потпишеш.

 

Затоа во продолжение на овој текст, преку неколку конкретни примери, сакаме да ти обрнеме внимание на нефер праксите на финансиските институции на кои постојано наидуваме преку работата на Здружението, преку кои наплаќаат дополнителни трошоци, а на кои треба да обрнеш особено внимание како корисник на кредит.

 

Пред потпишување на договорот може да се случи да те прашаат дали ги сакаш парите веднаш. Ти секако штом бараш кредит велиш што побрзо тоа подобро, но тоа што не ти го соопштуваат е дека за брза исплата ти наплаќаат административен трошок кој најчесто не е мал.

 

Кај едно лице кое се обрати во нашето здружение, за кредит во износ од 30.000 мкд, без да му биде објаснето и образложено заедно со кредитот му е дадено да потпише и договор за брза исплата велејќи му дека и тоа е дел од договорот за кредит и само му било отворено и посочено каде да потпише. За таа услуга лицето е задолжено да плати надоместок во износ од 24.704 мкд, износ кој е речиси колку целиот кредит и истиот износ е распределен да се отплаќа заедно со ратите од кредитот.

 

Дополнително може да те прашаат дали сакаш повеќе понуди за кредит за да видиш кој кредит најмногу ти одговара, но не ти кажуваат дека понудата да избереш помеѓу повеќе кредити го сметаат за финансиско советување и за истото наплаќаат трошок. Имаме случај каде за кредит во износ од 30.000 мкд наплатен е трошок за финансиско советување во износ 18.460 мкд. При што на лицето без да му биде образложено дека за понудата ќе му биде наплатен надоместок заедно со договорот за кредит му е дадено да потпише и договор за финансиско советување, а наведениот износ му е распределен да го отплаќа заедно со ратите од кредитот. Но бидејќи лицето не прочитало што потпишува истото не знаело за овој трошок кој му се наплаќа со секоја рата.

 

Во поглед на кредитите без обезбедување, наидовме на случаи каде финансиска институција, без истото да им го соопшти на своите клиенти, става член во договорот според кој корисниците на кредит се обврзуваат во рок од 3 дена после потпишувањето на кредитот да обезбедат гаранти, кои е потребно да исполнуваат речиси невозможни услови. Во конкретниот пример за кредит во износ 10.000 мкд предвидена е апсурдна одредба за достава на двајца гаранти со минимум нето плата од 60.000 денари и да немаат обврски и кредити кон други банкарски и финансиски институции. Лицето кое го потпишало договорот за кредит не знаело за оваа одредба но и реално неможело да ја исполни. За неисполнување на условот наплатен му е трошок во износ 9.416 мкд кој е речиси ист како износот на кредитот.

 

Најголемите провизии финансиските институции ги наплаќаат во случај на задоцнета отплата на кредитот. Тие се пресметуваат на дневна основа, пресметани процентуално или како апсолутен износ, и се движат во рамки од 2% до 5% дневно од износот со кој се доцни со отплата. На пример ако доцниш 30 дена  со отплата на рата во износ од 3.000 мкд за истата ќе треба да платиш дополнителни 4.500 мкд надоместок за задоцнување.  Или ако побараш да ја отплатиш ратата со задоцнување и ти одобрат одлагање на плаќањето наплаќаат и до 35% од износост на ратата која се одлага.

 

Имаме случај каде финансиско друштво на клиент за кредит на износ од 9.000 мкд, поради неисполнување на обврските пресметувало провизија за задоцнета отплата и со пресметаната провизија долгот на корисникот сега надминува 90.000 мкд кој износ е апсурден и бескрупулозно пресметан имајќи во предвид дека од корисникот на кредитот се побарува износ кој е 10 пати поголем од кредитот кој му бил исплатен.

 

Во договорите за кредит речиси сите финансиски институции наведуваат дека корисникот на кредитот е согласен за секое задоцнување согласно нивните интерни правила да го известуваат преку писма или СМС и за истите да наплаќаат соодветен трошок предвиден во договорот или нивните тарифници. Имаме случај каде за задоцнета рата во износ од 3.684 мкд, финансиска иснтитуција за првата опомена на клиентот му наплаќа 1.500 мкд, за втората 3.000 мкд, и бидејќи клиентот не е во можност да ја плати ратата а уште помалку трошоците за опомените, од финансиската институција продолжуваат да му праќаат опомени и следната му ја наплаќаат 4.500 мкд, и му праќаат уште две кои ги наплаќаат секоја по 6.000 мкд, со што за еден месец лицето за рата во износ 3.684 мкд сега должи 24.684 мкд.

 

Имајќи ги во предвид сите овие примери на нетраспарентност која оди и во граници на  бруталност во злоупотреба на неинформираноста на кредиторисниците  апелираме до сите корисници на потрошувачки кредити, внимателно да ги читате договорите за кредит и пропратните документи, задолжително погледнете ги членовите со кои се регулираат каматите, но и сите надоместоци, трошоци и провизии кои се предвидени. Прочитајте го нивниот тарифник и видете ги трошоците кои ги наплаќаат за редовна исплата и отплата на кредитот, како и  сите трошоци во случај на задоцнување.

 

Дополнително, доколку ви е потребно, нашето здружение Кредит Протект може да ви понуди бесплатен совет и бесплатна правна поддршка со цел да ви помогнеме подобро да ги разберете одредбите во договорите за кредит и сите трошоци со кои ќе се соочите. 

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè