Што е годишна стапка на вкупните трошоци или СВТ?

Стапка на вкупни трошоци или СВТ е дисконтна стапка изразена на годишно ниво како однос на вкупните трошоци на кредитот и вкупниот износ на кредитот.

 

Вкупните трошоци на кредитот, се сите трошоци, вклучувајќи камати, провизии како што се провизија за обработка на барањето за кредит, провизија за одобрување и администрирање на кредитот и кои било други надоместоци во врска со договорот за потрошувачки кредит коишто потрошувачот треба да ги плати при одобрувањето и редовната отплата на кредитот и коишто му се познати на кредиторот, освен нотарските трошоци.

 

При пресметка на СВТ не се вклучуваат трошоците поврзани со: неисполнување или задоцнето исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, односно не се вклучени сите трошоци кои финансиските институции ги наплаќаат во случај на ненавремена отплата на кредитот или административните трошоци за доцнење, трошоците за осигурување или трошоци за услуги коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги (од нив не зависи одобрување на кредитот), нотарските трошоци и сл. Доколку има дополнителни трошоци коишто не ѝ се познати на банката, таа е сепак должна да те запознае со видот на трошоците, без наведување на износот.

 

СВТ за потрошувачките кредити од банките и финансиските друштва не може да го надмине петкратниот износ од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец. На пример во овој момент СВТ за физички лица не смее да надмине 50%, односно законската казнена камата во овој момент (19.07.2021 година) изнесува 10% (која е добиена како збир од референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, која за периодот од 1 јули 2022 година до 31 декември 2022 година, изнесува 2,00% плус осум процентни поени) која зголемена за пет пати го дава СВТ кој изнесува 50%. Промената на максималната стапка на вкупни трошоци зависи од промената на референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата. Доколку истата се зголеми или намали истото соодветно ќе се рефлектира на максималниот СВТ.

 

Имајќи ја во предвид економската состојба во нашата држава слободно можеме да кажеме дека максималниот СВТ е поставен доста високо, која стапка на максималниот износ ја искористуваат голем дел на финансиски институции преку пресметување на најразлични административни трошоци при одобрувањето и редовната отплата на кредитот, а дополнително на ова голем проблем со кој се соочуваат корисниците на потрошувачките кредити е што трошоците за неисполнување или задоцнето исполнување на обврските од кредитот не се вклучени во СВТ и кои не се законски ограничени и најчесто за жал доведуваат до неколку кратно зголемување на износот кој корисникот на потрошувачки кредит треба да го врати. Од оваа причина многу е важно при склучување на договорот за потрошувачки кредит, да проверите колку изнесува СВТ и внимателно да ги прочитате одредбите за провизиите, трошоците или надоместоците во случај на задоцнета отплата или доколку истите не се наведени во договорот да побарате информација од финансиската институција каде се предвидени, да ви го дадат соодветниот документ каде што се регулирани и да ве запознаат со истите.

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè