Што е ништовност на договор за кредит и во кои случаи може да се бара ништовност на договорот за кредит?

Согласно Законот за облигационите односи, ништовен е договорот кој не е во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи. Во случај на ништовност на договорот секоја договорна страна е должна да и го врати на другата сето она што го примила врз основа на таквиот договор, а ако тоа не можно, или ако природата на она што е исполнето му се спротиставува на враќањето, ќе се даде соодветен надомест во пари, според цените во време на донесувањето на судската одлука, доколку законот не определува ништо друго. Ништовноста на некоја одредба на договорот не повлекува ништовност и на самиот договор, ако тој може да опстане без ништовната одредба и ако таа не била ни услов на договор ни решавачка побуда поради која е склучен договорот. На ништовноста судот внимава по службена должност и на неа може да се повикува секое лице кое има правен интерес. Правото на истакнување на ништовноста не се гаси.

 

Или поедноставно, ништовноста на договорот или ништовност на одредени одредби од договорот, значи дека тој договор или тие одредби не постојат, и во случај на ништовност, потребно е секоја договорна страна да и го врати на другата применото врз основа на таквиот договор, што кај договорите за кредит, доколку договор за кредит е прогласен за ништовен значи дека корисникот на кредитот треба да го врати на кредиторот износот кој го земал, односно главницата на кредитот без камати и провизии, а кредиторот е обврзан да ги врати каматите, провизиите и/или надоместоците кои ги наплатил врз основа на тој кредит и нема право да ги побарува преостанатите камати, провизии и надоместоци.

 

Пример за ништовен договор согласно Законот за облигационите односи е лихварскиот договор. Согласно ЗОО ништовен е договор со кој некој, користејки ја состојбата на нужда или тешката материјална состојба на друг, неговото недоволно искуство, лекомисленост или зависност, ќе договори за себе или за некој трет корист која е во очигледен несразмер со она што тој на другиот му го дал или сторил, или се обврзал да му даде или да му стори.

 

Меѓутоа битно е да се напомене дека согласно судската пракса за еден договор за кредит да биде прогласен за ништовен како лихварски и да се докаже дека постои очигледен несразмер, потребно е условите кои се предвидени во истиот да отскокнуваат од условите кои ги даваат другите финансиски институции на пазарот. Ова го напоменуваме од причина што иако голем дел од финансиските институции кредитите ги даваат оптоварени со разни трошоци, провизии и надоместоци, истите се слични со условите кои ги даваат поголем дел од финансиските институции на пазарот, и од оваа причина се јавуваат потешкотии при докажување на ништовност на договор за кредит како лихварски.  

 

Согласно Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, одредбите во договорите за потрошувачки кредит со кои се намалуваат или поништуваат правата на потрошувачите гарантирани со овој закон се ништовни. Ова значи дека било какво прекршување на одредбите од Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити од било која финансиска институција со кое ти се намалуваат или поништуваат твоите права гарантирани со овој закон се основа за ништовност или на целиот договор или на одредени одредби од договорот за кредит. Затоа многу е битно да се запознаеш со своите права како корисник на потрошувачки кредит и во случај на нивно прекршување да реагираш согласно законските можности.

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè