Што е отстапување на кредит и во кои случаи постои пречекорување на овластувањето што го имаат при наплата?

Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити им дава можност на кредиторите, побарувањето кое произлегува од договор за потрошувачки кредит да го пренесе на трето лице, и со тоа доверител, односно лице кое го има побарувањето од кредитот да биде тоа трето лице.

 

Во случај ако кредиторот го отстапи побарувањето од твојот договор за кредит на трето лице, ти имаш право кон лицето на кое му е отстапено побарувањето, односно договорот за потрошувачки кредит, да ги истакнеш сите приговори што си ги имал кон кредиторот на потрошувачкиот кредит и ги имаш истите обврски што си ги имал спрема кредиторот пред да настане отстапувањето. 

 

Доколку кредиторот го отстапи побарувањето кое го има од тебе, мора да те извести, при што доколку си соодветно известен, понатаму обврските од кредитот треба да ги исполнуваш кон субјектот на кој му е отстапено побарувањето.

 

Накратко, законот им дозволува на кредиторите да го отстапат побарувањето од твојот договор за кредит на трето лице, што го прават најчесто во случај на нередовна отплата на кредитот, но за истото мора да те известат, а твоите обврски продолжуваат под истите услови, но сега кон третото лице на кое му било отстапено побарувањето. Затоа најчесто по одреден период доколку долгот не се отплаќа редовно, кредиторите ги отстапуваат побарувањата на трети лица и тебе како корисник на кредитот откако ќе бидеш известен за пренесување на побарувањето започнува да те контактира тоа трето лице, кои најчесто се компании за наплата. Со тоа што е пренесено побарувањето, тебе не ти се намалуваат правата, и третото лице треба да те контактира на професионален начин, иако често знаат да бидат многу непрофесионални и да инсистираат на наплата по секоја цена.

 

Битно е да знаеш кои се твоите права, односно дека кој и да го има побарувањето, треба да се однесува кон тебе со почит, да ти се обраќа достоинствено, немаат право да ти ја нарушуваат приватноста, немаат право да ти се закануваат и да те заплашуваат. Доколку согласно договорот за кредит си им дал овластување да те контактираат на домашна адреса, битно е да знаеш дека немаат право да влезат во твојот дом, или да комуницираат со твоите соседи или роднини (освен ако тие лица ги имаш дадено како лица за контакт) и не смеат со нив да споделуваат информации за твојот кредит, бидејќи информациите кои ги имаат за твојот кредит се сметаат за доверливи информации и претставуваат деловна тајна и истите не смеат неовластено да ги споделуваат со трети лица. Дотолку повеќе не смеат да доаѓаат на твоето работно место и да го контактираат твојот претпоставен.

Доколку си жртва на непрофесионално постапување при обид за наплата на доспеано побарување од кредиторот или од третото лице на кое му е отстапено побарувањето од твојот кредит, ти имаш право да побараш лицето да престане со таквото однесување, да замине, и истото да го пријавиш во финансиската институција или третото лице на кое е пренесено побарувањето. Исто така во случај на вознемирување и закани или влез во твојот дом, или на работното место имаш право да побараш помош од полицијата, која треба да постапи соодветно. Во поглед на соодветни постапки за заштита од незаконско постапување од страна на финансиските институции или трети лица на кои им е отстапено побарувањето, доколку истите се поведат, во истите е потребно да се докаже пречекорување на овластувањето и незаконското постапување од лицето кое го направило истото, за кое најчесто единствен доказ се сведоците пред кои било направено незаконското постапување. Затоа секогаш кога те контактираат во врска со исполнување на обврска по долг од твојот кредит, пред се побарај од лицето што те контактира да се идентификува со цело име и презиме и да се претстави во име на кој субјект те контактира, се со цел доколку се случи непрофесионално и незаконско однесување да можеш истото лице да го пријавиш до соодветниот орган.

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè