Транспарентноста кон Вас како корисник на потрошувачки кредит е едно од најважните начела по кои треба да се водат кредиторите (Банките и другите друштва кои одобруваат потрошувачки кредити). Водејќи се по ова начело неопходно е секогаш јасно и недвосмислено да ги комуницираат со вас како кредитен корисник сите трошоци кои се поврзани со кредитот, со цел да можете самостојно да оцените дали кредитот одговара на вашите финансиски потреби и можности и да донесете одлука притоа знаејќи ги сите информации кои ви се потребни за да нема никакви изненадувања. Но најчесто ова не е така, најголем дел од трошоците поврзани со потрошувачките кредити, се премолчени и прикриени.
Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити детално ја уредува транспарентноста на договорите за потрошувачки кредити, и согласно истиот кредиторите имаат обврска детално да Ве информираат за сите трошоци и обврски кои би ги имале од користење на кредитот.
Дали знаете дека кредиторите имаат обврска да се грижат и да ви понудат кредитен производ или финансиска услуга која најмногу одговара на вашите потреби? Потребно е да имаат дефинирано постапки и начини како да ги осознаат вашите потреби и очекувања за кредитот и да ви обезбедат доволно информации за кредитниот производ и услугите за да можете да донесете правилна одлука.
Имајќи го во предвид претходно наведеното, дотолку повеќе кредиторите имаат обврска да ве информираат за сите трошоци кои би ги имале од потрошувачкиот кредитен производ.
Информациите треба да бидат точни, недвосмислени, разбирливи за вас како кредитен клиент. Не смеат да имаат различен пристап кон различен клиент, никој не смее да биде привилегиран или занемарен при остварување на своите права при користење на кредит.
Деловната практика на кредиторот мора да биде чесна и етичка. Договорите кои ви ги даваат да ги потпишете, пред се треба да бидат јасни, недвосмислени, одредбите законски и чесни, и да ви остават доволно простор и време да го прочитате договорот, да ви објаснат ако имате прашања и нејаснотии, и откако ќе ви биде целосно јасно кои се вашите трошоци, пред исплата, за време на отплата и по отплата на кредитот, и кои се сите ваши обврски од кредитот и ќе бидете целосно информирани и запознаени со сите ваши права и обврски да го потпишете Договорот за кредит.
Исто така кредиторите имаат обврска пред да го склучите договорот да ве известат кои би биле вашите обврски и можноста за промена на условите на кредитот по склучување на договорот. Оваа информација е многу битна за вас, бидејќи ако пости простор за промена на каматната стапка или одредени провизии истото може да биде искористено и на тој начин постојано да го зголемуваат износот кој треба да го отплатите, и истото остава голема несигурност и неизвесност за вас во поглед на отплатата на кредитот.
Дополнително и многу важно, кредиторите имаат обврска да ве информираат за можноста за поплаки и жалби, за можноста за спогодбено решавање на спор доколку го имате со кредиторот, како и за вашите законски можности за заштита на вашите права и решавање на спорот со кредиторот.
Искористете ги вашите права, побарајте ги сите информации, и доколку не сте биле информирани не молчете, контактирајте не.