Кои информации мора да ги содржат договорите за кредит?

Согласно Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити,  Договорот за кредит, на јасен и прецизен начин покрај општите податоци како што се видот на кредитот, податоци за корисникот и за кредиторот, мора да содржи информации најмалку за:

 

–  траењето на договорот за кредит;

 

–  вкупниот износ на кредитот и условите за негово искористување;

 

–  каматната стапка, условите со кои е уредена примената на каматната стапка и доколку е применливо секој индекс или референтна стапка на почетната каматна стапка, како и периодите, условите и процедурите за промена на каматната стапка. Доколку во различни периоди се применуваат различни каматни стапки, мора да се наведени информации за сите применливи стапки;

 

–  годишната стапка на вкупни трошоци и вкупниот износ што го плаќа потрошувачот, пресметани во времето на склучување на договорот за кредит, при што се наведуваат сите претпоставки кои се користат при пресметката на стапката;

 

износот на поединечната рата, бројот на ратите и доколку е применливо редоследот на пристигнување на ратите;

 

– правото на потрошувачот на барање и бесплатно да добие, при отплата на главнината на договорот за кредит со фиксно времетраење, во кое било време во текот на траењето на договорот за кредит, извештај за сметка во форма на амортизационен план. Амортизациониот план содржи податоци за ратите и рокот на нивно достасување и условите во врска со исплатата на тие износи, преглед на секоја исплата со податоци за главнината, каматата која е пресметана врз основа на каматната стапка, доколку е применливо и дополнителни трошоци. Ако каматната стапка не е фиксна или со договорот за кредит е дадена можност дополнителните трошоци да се променат, во амортизациониот план на јасен и прецизен начин се забележува дека податоците содржани во планот важат само до моментот кога стапката на задолжување или дополнителните трошоци ќе се променат во согласност со договорот за кредит;

 

– периодот и условите за плаќање на каматата и трошоците, доколку каматата и трошоците се плаќаат без отплата на главнината;

 

– обврската за склучување на договор за дополнителни услуги поврзани со договорот за потрошувачки кредит, како договор за осигурување, доколку склучувањето на таквиот договор е задолжително за добивање на кредитот или за добивање на кредитот согласно со условите од рекламирањето;

 

– казнена камата во време на склучување на договорот за кредит, условите за нејзино прилагодување и трошоците за неисполнување на обврската за плаќање,

 

предупредување за последиците од неплаќање на ратите;

 

– по потреба, изјава дека нотарските трошоци ќе ги плаќа потрошувачот;

 

– гаранциите и осигурувањето за кредитот, доколку ги има;

 

– постоењето или отсуството на правото на откажување од договорот за кредит, периодот во кој ова право може да се остварува и други услови за негово спроведување, вклучувајќи ги информациите кои се однесуваат на обврската на потрошувачот да го плати износот на искористениот дел од главнината и висината на дневната камата;

 

– правото на предвремено плаќање на кредитот, процедурата на предвремено плаќање и правото на кредиторот на трошоци за предвремена наплата на кредитот и начинот на пресметување на тие трошоци.

 

– постапката за остварување на правото за раскинување на договорот за кредит;

 

– правото на вонсудско решавање на споровите и начинот на користење на тоа право;

 

– назив и седиште на надлежниот супервизорски орган.

 

Доколку настане промена на каматната стапка, потрошувачот треба да биде известен за секоја промена на каматната стапка на кредитот во писмена форма или преку друг траен медиум пред да почне да се применува. Известувањето содржи податоци за износот на плаќањата по промената на каматната стапка и детали за бројот и периодите на плаќање, доколку се променат.

 

Согласно наведеното, преку договорот за кредит, имаш право целосно да бидеш информиран за сите услови и трошоци поврзани со кредитот, затоа искористи го тоа право и не потпишувај пред да го прочиташ договорот целосно и доколку забележиш дека дел од информациите не се содржани во договорот, потребно е истото да го пријавиш до соодветниот надзорен орган (за Банките и Штедилниците НБРСМ или за Финансиските друштва Министерство за финансии) или обрати се до нас и ние ќе ти помогнеме да ја споделиш информацијата со надлежниот орган.

 

Дополнително, доколку ти е потребно, нашето здружение Кредит Протект може да ти понуди бесплатен совет и бесплатна правна поддршка со цел да ти помогнеме подобро да ги разбереш одредбите во договорите за кредит и сите трошоци со кои ќе се соочиш користејќи го тој кредит, или доколку не се содржани сите информции ние можеме да ти помогнеме да го пријавиш прекршувањето до соодветниот орган.

Ние ќе се бориме
за Тебе.

Заслужуваш фер и етички однос од 

Банките и финансиските друштва.

Kонтактирај нè